Заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски, кој доаѓа од редовите на Демократскиот сојуз, поднел оставка од функцијата и истата ја доставил до премиерот Димитар Ковачевски, информира за „360 степени“ лидерот на ДС Павле Трајанов.
Ваквиот потег на Димитровски доаѓа по вчерашната одлука на партиските тела на ДС, партијата да ја напушти владината коалиција и да премине во опозиција.
ДС има една директорска позиција во Јавно претпријатие, односно во Службен весник, и согласно партиската одлука, и тој треба да поднесе оставка од функцијата.
„Одлуката е сите носители на функции од нашата партија да си поднесат оставки“, изјави Трајанов.
Демократскиот сојуз синоќа донесе одлука да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и да го напушти парламентарното мнозинство. Одлуката за ваквиот чекор, како што рече Трајанов, е неисполнување на програмските цели утврдени и усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година.