Непознати напаѓачи утрово го запалиле службеното возило на весникот „Вијести“ во Подгорица, што е уште еден од низата инциденти врз имотот на овој печатен медиум.
Како што соопшти црногорската полиција, возилото марка „нисан“ било полеано со бензин и запалено, а во пожарот изгорел предниот дел на автомобилот.
На крајот на декември минатата година експлозив со голема разорна моќ беше подметнат во редакцијата на подгоричкиот весник „Вијести“, под прозорецот на главниот и одговорен уредник Михајло Јововиќ. Во редакцијата имаше 15-на луѓе меѓу кои нема повредени.
Полицијата и обвинителството се уште не ги решиле и серијата палења на автомобили на истиот медиум во 2011 година, кога во рок од неколку месеци беа запалени четири возила на весникот.