Во Клубот на пратениците во тек е средбата на членовите на ад-хок комисијата која требаше да го изготви извештајот за случувањата од 24 декемри, минатата година.
На средбата на која учествуваат и премиерот Груевски и претседателот на СДСМ Заев, со своите соработници Протуѓер и Шеќеринска, пристигнаа и двајца претставници од меѓународната заедница.
Состанокот следи по вчерашната средба Груевски – Заев, на која е договорен последен напор за откочување на работата на Комисијата. Последен рок за постигнување согласност за извештајот е петок, 23 август.
„Доколку до тој рок не биде постигната согласност, ќе се смета дека не може да се постигне конечно решение”, беше нагласено во заедничкото соопштение по 45-минутната средба меѓу двајцата лидери, одржана зад затворени врати.
„Во периодот што следува да се вложат последни напори за откочување на процесот, негово интензивирање и донесување на конечно решение околу извештајот на комисијата, како последен обид за постигнување договор, чие евентуално недонесување ги загрозува европските перспективи на Република Македонија“, соопштија од Владата по средбата на премиерот Груевски со лидерот на СДСМ, Заев.