Според последните информации, најмалку 75 луѓе го загубија својот живот и 412 други се повредени по двата земјтореса кои го погодија западниот дел на Кина, потврдуваат кинеските власти.
„Повеќе од 20 000 згради се сериозно оштетени и околу 1 200 се срушени“, пренесуваат странските новински агенции.
Според сеизмолошката служба на провинцијата Гансу, епицентарот на земјотресот со јачина од 6,6 степени според Рихтер, и последователниот со 5,6, се наоѓал на длабочина од 20 километри.
Земјотресот бил почувствуван во речиси сите градови во Минсијан, а најмногу се погодени градовите Меичуан и Пума, каде потресот уништил голем број на куќи. Комуникациите во 13 градови во округот Џангсијан се прекинати.
Припадници на војската и полицијата веднаш биле упатени во подрачјата погодени од земјотресот и се вклучиле во акцијата за спасување, додека локалните власти веднаш обезбедиле итна медицинска помош и околу 1.000 шатори.