Нуклеарната централа Запорожје во Украина, најголемата во Европа, веќе седум дена е без надворешно електрично напојување, што според украинскиот претседател Володимир Зеленски претставува закана од катастрофа со огромни последици.
Ситуацијата е критична и вонредна. Поради руското гранатирање, електраната е исклучена од системот и се напојува само преку дизел-генератори, кои не се предвидени за ваков долг период на работа. Еден генератор веќе откажа, изјави Зеленски во своето обраќање.
Тој предупреди дека Русија намерно го спречува поправувањето на далеководите и ја загрозува основната безбедност на целиот свет. „Ниту еден друг терорист не се осмелил да направи на нуклеарна централа тоа што Русија го прави сега“, порача тој.
Зеленски за кризата разговарал и со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. „Центарот е под руска окупација и се соочува со најдолг прекин на напојување досега. Важно е светот да ги разбере можните последици и да реагира соодветно“, рече украинскиот претседател.
Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) ја потврди сериозноста на ситуацијата. Директорот Рафаел Гроси изјави дека агенцијата работи на тоа што побрзо да се обезбеди обновување на снабдувањето со струја.
Запорожската нуклеарна централа е под контрола на руските сили од почетокот на војната, а Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за гранатирањето кое ја загрозува безбедноста на објектот.