Украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва се огласи за првпат по денешниот телефонски разговор меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин, по кој двете страни соопштија дека се договориле околу некои аспекти на мировниот процес во Украина, пренесе „Еј-би-си њуз“.
Зеленски најпрво рече дека се надева оти Трамп ќе го информира за деталите од разговорите. Тој рече дека е „скептичен“, но сепак го поддржа предлогот за запирање на руските удари врз украинската енергетска инфраструктура во следните 30 дена.
Како што вели Зеленски, Украина „ќе ги поддржи сите идеи кои водат кон стабилен и праведен мир, но дека безусловен прекин на огнот ќе биде подобар чекор напред“.
Тој повтори дека сите идни разговори за Украина без Киев на масата, нема да донесат резултати.
Зборувајќи за понудата на Русија за ослободување на 23 тешко ранети украински војници, тој рече дека ослободувањето на сите затвореници ќе биде вистинскиот начин Русија да покаже дека е сериозна за мировните преговори.