Од:

Кои се „Веибо-груп“ и нивните врски со Камчев

Во 2014 година „Веибо Груп” најави план за изградба на најголемиот интегриран текстилен центар во Европа, во зоната во Ранковце, но во моментов овој проект е во мирување. Токму неможноста за наоѓање на соодветна работна сила за реализација на големите производни таргети за потребите на постоечката фабрика во Крива Паланка за задоволување на своите интернационални клиенти, е главната причина зошто инвестицијата во Ранковце е засега во застој, соопштуваат од компанијата. Опозицијата обвини дека од инвестиции на Груевски останале нула нови работни места посочувајќи го празниот плац каде требаше да се изгради новата фабрика во Ранковце.

Нова ја реобјавува истражувачката сторија на новинарката Кристина Озимец посветена на оваа тема во која за огромната турска инвестиција се наведени сомнителни здружувања на фирми, кои се поврзуваат со бизнисменот Јордан Камчев.

автор: Кристина Озимец
објавено на 04-05-2015

Владата наголемо ја најавува огромната турска инвестиција „Веибо-груп“ која во идната индустриска зона во Ранковци ќе ја изгради најголемата интегрирана фабрика за текстил во Европа. Во Македонија, „Веибо Гармент продакшн Македонија“ е името на компанијата основана од две фирми кои се поврзуваат со бизнисменот Јордан Камчев, за потоа да биде преземена од „Веибо груп Маседонија АД“.

Општината Ранковце, која се наоѓа пред Крива Паланка, е позната по природните убавини и по реките кои извираат од Герман и од Осоговските планини. Туристите уживаат во зеленилото, јадат од прочуената риба во Гиновци и се фотографираат пред манастирот „Св. Јоаким Осоговски“. Македонците често одат во паланечко за да најдат автомобил на бројните автоплацови, каде за две до три илјади евра може да пазарат солидно возило од Италија.

Но, освен по убавата природа и по половните автомобили, наскоро регионот треба да стане познат и по големата странска инвестиција на турската компанија „Веибо груп“.

Таму на повеќе од 400.000 квадрати, според најавите, ќе никне текстилна индустриска зона со повеќе фабрики, лаборатории, изложбени простори, па дури и терени за фудбал, амфитеатар и музичка сала. Директорот на турската „Веибо груп“, Селџук Алперен, преку медиумите најави дека Македонија ќе ја направат балкански текстилен центар, ќе вработат најмалку шест илјади луѓе во десет фабрики и ќе инвестираат вкупно 400 милиони долари.

И премиерот Никола Груевски најави дека „Веибо груп“ ќе вработи пет илјади луѓе, откако се сретна со првите луѓе на компанијата во рамки на неговата посета на Кина. Тој најави дека покрај текстилните погони, Турците планираат да отворат и две фабрики од областа на челичната индустрија и производство на градежни материјали.

– Сите сакаат да ги сместат на една локација, а тоа е некаде во североисточна Македонија, на потегот меѓу Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Куманово, најверојатно некаде во средина, односно во близина на Ранковце. Сакаат да привлечат работници од Крива Паланка, Кратово, Ранковце и Куманово, најави Груевски минатата година.

Големата турска компанија почна да ја гради зоната во Ранковце, меѓутоа формирањето на една од нејзините фирми во Македонија се поврзува со познат македонски бизнисмен.

„Орка“ им продаде текстилна фабрика на Турците

„Веибо груп“ ја основал 43-годишниот Селџук Алперен од Турција за кого велат дека е ‘рбетот и креативниот талент зад успехот на компанијата’. Освен во Македонија, тој има фабрики во Кина, Камбоџа и во Турција, а индустриската зона во Крива Паланка, според неговите планови, ќе биде најголема во Европа.

Походот во Македонија турскиот инвеститор го почна со преземање на веќе постоечката текстилна фабрика на бизнисменот Орце Камчев („Орка“), која се наоѓа надвор од индустриската зона близу Крива Паланка. Оваа фабрика треба да стане обучен центар за работниците кои ќе бидат ангажирани во погоните што ќе се градат во зоната во Ранковце.

„Орка“ преку фирмата „Монт“ ги поседувала машините во фабриката вредни 420.000 евра, додека преку „Кара“ била сопственик на погоните и на земјиштето чија вредност била милион и 430.000 евра. Лани во октомври овие две фирми на Камчев фабриката ја ставиле под нова компанија со имиџот на најавуваниот турскиот инвеститор – „Веибо Гармент продакшн“.

Само дваесетина дена откако ја формирале „Веибо Гармент продакшн“, „Кара“ и „Монт“ ја продале фабриката на фирмата „Веибо груп Маседонија“, чиј директор е газдата на турската „Веибо груп“, Селчук Алперен и која ќе инвестира во зоната во Ранковце. „Монт“ својот дел го продала за 420.000 евра, додека „Кара“ за милион и 730.000, што значи дека Турците станале газди на фабриката преку „Веибо груп Маседонија“ за два милиони и 150.000 евра.

На нашата дилема зошто членките на „Орка холдинг“ се здружиле во нова фирма под брендот „Веибо“ пред „Орка“ да ја продаде текстилната фабрика на турската „Веибо груп“, од холдингот изјавија:

– Така побараа странските партнери за да го купат имотот, текстилната фабрика и дел од машините.

„Веибо груп Маседонија“ во главниот град е регистирана на истата адреса на која се наоѓа и адвокатската канцеларија „Апостолски“, која често на суд го застапува шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков. Седиштето, пак, им се наоѓа во центарот на градот кај Соборни0т храм.

Оваа адреса е седиште и на трета фирма со предзнак „Веибо“, а тоа е градежната компанија „Веибо груп констракшн“ управувана од турски државјани. Немаме потврда дали ова е компанијата која треба да отвори две фабрики од областа на челичната индустрија што ги најави премиерот Груевски како дел од инвестицијата на „Веибо“.

„Пред два месеци ги собраа машините и отидоа“

До жителите на Ранковце изгледа уште не стигнал гласот дека во нивниот регион ќе никне најголемата фабрика за текстил и за облека во Европа, како што најавуваат таблите поставени пред индустриската зона во изградба. Но, Ранковце е мало место, па веќе како молња се рашириле шпекулациите дека во зоната наместо странски инвеститори, ќе влезат домашни моќници блиски до власта.

Граѓаните кои ги сретнавме на автобуската станица пред селото ни изјавија дека инвестицијата е стопирана.

– Нема ништо од тоа, се откажаа и си отидоа. Цела механизација ја земаа. Не верувам дека ќе продолжи инвестицијата. Во фабриката во Крива Паланка работи мајка ми, ѝ даваат околу шест илјади денари, таму се работи сега за сега, од овде се откажаа, изјави Мануел кој живее во Ранковце.

И неговите соселани не се оптимисти од најавите за голема инвестиција.

– Излегоа со ветувања дека ќе има добри услови за работа, ќе качат плата, ќе има нормално работно време. Овде во Ранковци ги ангажираа сите, на еден или на друг начин влегоа во играта. Некој парно им правел, некој за машини, работници, но кога почнаа да се објавуваат „бомбите“, сѐ се стопираше, изјави друг граѓанин на Ранковце.

Зачудени од тврдењата на Ранковчани дека инвеститорите се пишманиле од инвестицијата ја посетивме планираната индустриска зона во изградба, каде треба да никне европскиот центар на текстилот. На почетокот од патот кон идната зона стои голема реклама на која има мапа со план за инвестицијата на „Веибо груп“.

Иако е видливо дека градењето на зоната и на патот стартувало, градежните активности се стопирани. Таму најдовме само еден чувар на монтажните бараки со логото на „Веибо“.
– Стопирана е работата, не знам зошто, но пред два месеци ги собраа машините и отидоа. Два месеци немаме плата земено, нема никој тука, ни одговори чуварот откако прашавме дали може да поразговараме со претставници на „Веибо“.

Се обидовме да разговараме со надлежните и во фабриката во Крива Паланка каде работат околу 500 луѓе, но од обезбедувањето нѐ информираа дека официјалното лице не е тука во моментот.

Прашања за тоа како напредува инвестицијата на Веибо во индустриската зона во Ранковце, дали инвеститорот се премислил од инвестицијата како што се шпекулира меѓу граѓаните и кои поволности ги добиле за да инвестираат во зоната испративме и до „Веибо груп“, но не добивме одговор.

Спротивно на тврдењата на Ранковчани, директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски вели дека инвеститорот не се премислил, туку сѐ уште чека да се потпише договорот со Владата.

– Во Ранковце сѐ уште нема ништо, „Веибо Гармент продакшн“, сѐ уште градат таму и вработувањата се насочени кон фабриката во Крива Паланка. Не е премислен, се чека да се потпише договорот со Владата, знам дека деновиве ќе има голем настан каде тие ќе ја презентираат целата работа, договорот, климата во државата, вели Поповски.
Но, според директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски и развојни зони (ТИРЗ), Виктор Мизо, Владата веќе има договор со „Веибо груп“ и процесот на купопродажба е завршен. Тој потврди дека земјиштето каде се наоѓа зоната е купено од „Веибо“ во тендерска постапка минатата година.

Мизо вели дека апсолутно нема информации дека инвестицијата е стопирана или пак дека инвеститорот се премислил, како што тврдат дел од граѓаните во Ранковце.

– Зарем луѓето на улица кај нас или во светот ги знаат калкулативните одлуки на компаниите? Активноста во локацијата Ранковце е и може да биде само од страна на „Веибо“. Другите нивни активности во Македонија во кои во моментов тие работат, на кој начин и што тие прават, тоа е нивна одлука, но во самата зона она што ќе се произведува може да биде инвестиција единствено на Веибо, изјави Мизо.

Што сѐ добиваат инвеститорите во зоните (ТИРЗ)?

Странците што ќе инвестираат во една од Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) во Македонија добиваат разни поволности. За период од 10 години инвеститорите во ТИРЗ се ослободени од данок на добивка и од персонален данок. Земјиштето во ТИРЗ се дава под долгорочен закуп за период до 99 години. Инвеститорите се ослободени од плаќање на надомест за уредување на градежното земјиште кон општините, како и од надоместоци за градежни дозволи.

Тие добиваат бесплатен приклучок за гасовод, водоводна и за канализациона мрежа. Владата учествува во трошоците за градба на корисниците во ТИРЗ во висина до 500.000 евра, во зависност од бројот на нови вработувања и од висината на инвестицијата.
Според директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски и развојни зони (ТИРЗ), Виктор Мизо процесот со „Веибо“ не е завршен и тие ќе добијат поволности во технолошко – индустриската развојна зона.

– Поволностите ќе бидат во согласност со Законот за ТИРЗ и согласно позитивните законски одредби според Законот за контрола на државна помош, кои ќе бидат според правила и прописи кои важат и во Македонија за државна помош, како и во Европа, додава Мизо.

*Истражувачката сторија е поддржана од НЕД во рамки на проектот „Промовирање на истражувачкото новинарство во сферата на јавните трошења“