Судскиот процес „Пуч“ кој требаше да продолжи денеска е одложен за 1. ноември. По половина час во судницата и без присуство на медиумите, Судот го одложи рочиштето поради отсуство на еден од поротниците.
Според опозицискиот лидер Зоран Заев, отсуството на поротник е само „покривање“ на тоа што главниот сведок Никола Груевски одлучил да не се појави во суд.
-За ова денеска што се случува во судот, срамот е голем. Денеска, ова е доказ како се инструментализира и како се става под контрола судството заради едни забегани политики во Република Македонија. Денеска не се одржа рочиште затоа што единствениот сведок Никола Груевски одлучи да не се појави, или на Судот му беше кажано да не му достави покана. Но, за да биде дополнително покриен, наводно бил спречен еден од двајцата поротници да биде присутен, иако Законот определува и замена на поротници, рече Заев.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во чија надлежност е предметот Пуч вели дека одложувањето за месец ипол е премногу, бидејќи осомничените се соочуваат со мерки за претпазливост и им е ограничена слободата. Според неа неоправдано е што Судот не дозволи новинарите да го следат рочиштето.
-Судењето не продолжи, бидејќи еден од поротниците се разболел. Реагирав на одлуката и реагирав на одложувањето за 1. ноември. Сметам дека ваков предмет е од итна природа и треба да биде насочен на побрз датум, бидејќи луѓето имаат мерки на претпазливост поради кои се соочуваат со ограничување на слобода. Исто така реагирав и на тоа што мојот сведок Никола Груевски не беше повикан на рочиштето, рече Јанева.
Од Судот велат дека за одложувањето на рочиштето ќе образложат во соопштение во текот на денот.
Во предметот „Пуч“ за шпионажа и насилство врз највисоки државни органи обвинети се лидерот на опозицијата Зоран Заев, контраразузнавачот Зоран Верушевски и неговата сопруга Соња Верушевска, порaнешниот вработен во тајната полиција Ѓорѓи Лазаревски, Звонко Костовски – вработен во МВР, како и Бранко Палифров вработен во општина Струмица.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев е обвинет за насилство спрема претставници на највисоките државни органи. Тој се товари дека на средби со премиерот Никола Груевски му се заканувал со докази против него. И премиерот Груевски на прес-конференција директно го обвини Заев дека со уцени и закани лидерот на СДСМ го ставил на маса барањето за техничка Влада.
Груевски тврдеше дека на четири средби одржани со Заев, претседателот на СДСМ му кажал дека има снимки набавени од странски служби и со нив го уценувал премиерот да попушти за барањето за техничка влада, соопшти премиерот уште на почетокот на 2015, но подоцна тој го отфрли првичното тврдење за странски служби.
Последното рочиште од овој случај се одржа на 2 март, кога Јанева побара одложување на расправата бидејќи, како што рече, на судењата не доаѓа сведокот кој е оштетен во случајот, и бидејќи од судот не им се доставени копиите од списите и електронските докази што им се потребни за да ги подготват воведните говори.
Јанева тогаш не го кажа името на сведокот, но јасно е дека станува збор за поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
На почетокот на јуни, по укинувањето на аболицијата, Апелацискиот суд Скопје ги прифати жалбите на СЈО и на обвинетите во „Пуч“ против одлуката на Кривичниот суд за запирање на процесот и донесе одлука судењето да продолжи.
Апелацискиот суд претходно донесе одлука со која му наложи на Кривичниот суд да ги даде на Јанева копиите и доказите, но од првостепениот суд одговорија дека тие немаат обврска да ги дадат копиите и покрај одлуката на Апелација која, според нив, не е обврзувачка.




