Фатмир Битиќи: Почитувана министерке за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, утре ќе дојдете во Собрание или ќе напишете нов статус на Фејсбук за „аргументирање“ на задолжувањето од 260 милиони евра и новата Фискална стратегија 2027-2031?
За да ве охрабрам и мотивирам, ќе бидам транспарентен однапред, ќе ве пречека и едно дополнително прашање на кое ќе треба да дадете одговор: дали со вашата објава на Фејсбук веќе ја најавивте следната должничка епизода од околу 350 милиони евра за остатокот од еврообврзницата што треба да се сервисира во јуни?
Ако аргументите и бројките се на ваша страна, тогаш утре изнесете ги таму каде што се носат одлуките за парите на граѓаните, во Собранието.
Знам дека не ви е навика често да ги браните економските политики пред пратениците. Но кога се бараат стотици милиони евра и кога буџетската недисциплина на Владата треба да се претстави како нормална политика, тогаш не се испраќа покана за кафе во Министерството за финансии. Тогаш се доаѓа во Собрание и се одговара пред оние што имаат уставна обврска да вршат контрола над вашата работа.
Фејсбук е удобен, нема реплики, нема процедурални забелешки, нема непријатни бројки и аргументи, но граѓаните не ги избраа пратениците за да читаат ваши статуси на социјалните мрежи, туку за да бараат одговори во нивно име.
Извор: Фејсбук



