Претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски преку објава на Фејсбук упати остри критики кон владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја партијата за нерегуларности на локалните избори во општина Карпош.
„ВМРО-ДПМНЕ! Во Карпош не победивте! Силувавте! Карпош го украдовте!“ напиша Јакимовски нагласувајќи дека борбата не била витешка, туку кукавичка.
На секои избори некој мора да победи, некој да загуби. Коректно е на победникот да му се честита и да се признае поразот. Ниту признав! Ниту му честитав на новиот! Зошто? Затоа што борбата не беше витешка, туку кукавичка. Граѓаните на општина Карпош не заслужуваат не фер игра. Од 2000 година, па наваму, сите избори биле кристално чисти. Еден глас немам уценето, купено или на некого да сум му се заканил. Победите биле чесни и израз на вољата на граѓаните. Поразот од 2017 година истата вечер го признав и му честитав на тогашниот победник Богоев. Затоа што победија чесно, без далавери вели Јакимовски.
За одземање на лична карта на гласачи кои би гласале за мене плаќавте педесет евра. А на оние што ќе однесат и ќе стават во кутијата гласачко ливче заокружено со број 9 и ќе вратат празно 100 евра. Крадевте ливчиња, правевте бугарски воз, вашите инсталации во избирачките одбори даваа по две ливчиња, а тоа значи да гласа за двајца. Фолираа дека наводно им се утнало под рака двојно ливче. Делевте брашно, уценувавте, се заканувавте…
Сите медиуми беа ваши. Без било каква моја реклама во вториот изборен круг. Цели избори ги поминав без ќор банер или било каква реклама на порталите. Блокада од телевизиите со национална фрекфенција, освен две соочувања и едно интервју кое требаше да биде дебата. Тоа беше вистински одраз на демократскиот амбиент во кој што Карпош требаше да се бори против вашите „кинења на зелени“, секој збор промашување, демонстрирање на раскошно незнаење, обвинител задолжен за избори кој мирно следеше купување на гласачи иако за тоа имаше јавна потврда вели тој.
Според Јакимовски, на крајот кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Сотир Лукровски победил едвај со илјада и стотина гласови, но како што вели не го победиле него, туку успеале да ги надитрат граѓаните на Карпош, што ќе се паметело за секогаш.

