Вкупно 12 затруени, од кои седум ученици, и петмина вработени од средното економско училиште во Гостивар се донесени вечерва на Клиниката за токсикологија,со симптоми на труење од гас, каде ќе бидат задржани на опсервација и лекување.
Сите затруени имаат лесна клиничка слика, но поради протоколот ноќеска ќе бидат задржани на опсервација, изјави за НОВА директорот Аднон Чибишев. Ниту еден од нив не е во животно загрозувачка состојба.
-Сите пациенти ноќеска ќе останат на лекување и опсервација на Клиниката за токсикологија. Во меѓувреме на затруените им е земена крв, се прават токсиколошки анализи за да се утврди за каков гас се работи, изјави за НОВА директорот Чибишев.
На Клиниката велат дека се уште е рано да се шпекулира за каков гас се работи. Иако учениците се жалат на солзење во очите, извори за НОВА велат дека најверојатно не се работи за солзавец, туку за гас кој се користи за онеспособување.
Полицијата работи на откривање на сторителот кој влегол во училиштето и фрлил непознат гас во просториите.
Затруените вечерва во 22 часот и 15 минути ќе ги посети премиерот Никола Груевски соопштија од службата за односи со јавноста во Владата.




