„Нека ни е честита самостојна и независна Македонија!“, вака претседателот Киро Глигоров во Скопје на 8 Септември 1991 година ги официјализира резултатите од референдумот на кој македонскиот народ со огромно мнозинство од речиси 95% се изјасни за осамостојување на Република Македонија од Федеративна Југославија која беше на прагот на војната.
Претходно, на 25 јануари 1991 година со акламација, Собранието на Република Македонија ја донесе Декларацијата за независност.
Прва земја која ја призна независноста на Македонија е Република Бугарија, по што следуваа Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…
На 8 април 1993 година Македонија беше потврдена во Генералното собрание на Обединетите нации како 181 полноправна членка на Светската организација. Но, поради противењето на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија.
Денес Македонија е призната под уставното име од над 130 држави, а со преку 170 има дипломатски односи.
Најкритична година за Македонија беше 2001 кога земјата се соочи со внатрешен конфликт кој подоцна беше надминат со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Во 2005 година, Македонија доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, но поради спорот со името со Грција, земјата се уште не добила датум за преговори со унијата.
По повод независноста честитка испрати и премиерот:
– Деновиве бележиме 22 години од моментот на чест и храброст, кој македонските граѓани го имаа за да бидат носители на демократија, слобода и солидарност. Во тој момент се постигна повеќевековната цел, се исполни аманетот на нашите предци и желбата на сите нас да живееме во слободна, независна и суверена Република Македонија – се вели во честитката од премиерот.




