Наредната недела ќе се одржи акцијата за пошумување на Македонија, но засега не е одреден датумот, Владата сеуште нема одлучено на кој датум ќе се засадат нови дрвца низ земјата.
„Денот на дрвото“ ќе се организира шестта година по ред и се очекува да бидат засадени околу 5 милиони садници.
Според директорот на Јавното претпријатие „Македонски шуми“, Жарко Караџоски, манифестацијата се одложува поради времето кое изминативе денови беше топло и несоодветно за садење.
„Најверојатно акцијата ќе се одржи наредната недела, но Владата ќе го даде последниот збор. Планираме да засадиме дрва по планини и патишта, покрај езера, автопати и во централните подрачја на општините“, вели директорот.
Оваа година акцентот на акцијата се става во пошумувањето на урбаните делови од градовите, па во Скопје и општините на Град Скопје е предвидено да се засадат околу 85.000 садници. Годинава, јавното претпријатие ќе обезбеди 400 палми кои треба да се засадат во Струга, Охрид и Дојран.
– Се одлучивме да засадиме и палми затоа што сакаме да ја разубавиме Македонија, затоа што е убаво и украсно дрво. Освен тоа ќе има и леандри и други украсни садници кои ќе се постават во градските подрачја, вели Караџоски.
Предвидено е над 5.000 леандри да бидат засадени во Дорјан и на средишниот дел од автопатот Богородица – Смоквица. Околу 10.000 садници Аризонски чемпрес се планирани за средишниот дел на автопатот Скопје – Куманово.




