Парадата на гордоста во Белград би требало да ја обезбедуваат околу 6 500 полицајци, што претставува најголемото ангажирање на припадници на полицијата во историјата на престолнината, пренесуваат српските медиуми.
Десет организации веќе најавија протести во исто време кога е планирана Парадата на гордоста, иако одлуката за нејзино одржување ќе биде соопштена денес попладнe.
Според српски „Блиц“, доколку српските власти дадат зелено светло за одржување на настанот, сите други собири ќе бидат забранети.
>> „Стоп за парадата на срамот“- графити во Белград
Припадниците на полицијата веќе во петок ќе бидат распоредени по улиците на Белград со намера да спречат било каков инцидент.
Белградската Парада на гордоста би требала да започне исто како и во 2010, кај паркот Мањез.
Вчера, од Славија па се до зградата на претставништвото на Србија, на повеќе објекти биле испишани графити со црна боја на кој пишувало „парада нема да има“, „стоп за парадата“, „стоп за парадата на срамот“, пренесе српска „Бета“.