Претседателот на САД Доналд Трамп се очекува денеска да потпише нов указ за забрана за патување кој повеќе ќе наликува на нова верзија на стариот указ. Новиот ќе го исклучи Ирак од забраната бидејќи претставува клучен сојузник во борбата против Исламска држава.
Со претходната негова наредба привремено се забрануваше влез на луѓе од седум главно муслимански земји на период од 90 дена, се суспендираше влезот на бегалци за 120 дена и неопределно се запираше влезот на бегалци од Сирија. Со овој декрет беа опфатени Иран, Ирак, Сомалија, Судан, Јемен, Сирија и Либија. Оваа наредба потоа беше суспендирана од американските судски инстанци.
Иако новиот указ има одредени провизии кои ја релаксираат состојбата, се очекува Трамп да го реализира овој указ на истиот строг начин како претходниот бидејќи и овиот содржи привремени забрани за бегалците. Членови на администрацијата велат дека со ирачките власти долго се разговарало за исклучувањето на Ирак и тие гарантирале дека нивниот систем бил ефикасен во детектирање кој влегува и излегува од државата.




