Социјалната мрежа Фејсбук која многумина ја критикуваа за ширење лажни вести во текот на последните претседателски избори во САД, пронајде начин како да го реши овој проблем – започна да ги означува сите вести што се со сомнителна содржина.
Ова означување („тагирање“) го најави уште во декември 2016 година најави, а од парнерските компании кои се занимаваат со контрола на вистинитоста на содржината ќе ја проверуваат секоја вест. Доколку барем две фирми утврдат дека се работи за лажна вест на почетната страница (њуз фид) под веста ќе стои предупредување.
Ваквите вести Фејсбук директно нема да ги нарече лажни, туку ќе ги означи како спорни. Означувањето ќе биде овозможено од страна на корисниците, но се уште не е достапно во сите земји, меѓутоа од компаниите најавуваат дека наскоро сите ќе можат да ја користат оваа опција.
Новиот систем, на корисниците ќе им олесни да ги означат приказните кои можеби се лажни. Тие потоа ќе бидат прегледани од фирми задолжени за тоа и доколку се утврди дека се потенцијално лажни, ќе бидат означени како спорни, пишува Бизнис инсајдер.
Фејсбук исто така ја претстави и новата секција каде се објаснува како некоја вест се означува како спорна, а постои и упатство за тоа како „чекор по чекор“, да го направат читателите.
Иако на почетокот сопственикот на Фејсбук Марк Закерберг ги отфрлаше обвинувањата дека на оваа мрежа се објавуваат вакви вести, подоцна ја промени изјавата и рече дека компанијата има најголема одговорност од самото создавање на технологијата низ која поминуваат информациите.






