Холандија денес најави дека ќе го забрани слетувањето на авионот на шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу.
Министерот најави дека денес доаѓа во Холандија за да присуствува на митинг на турската заедница во оваа земја за поддршка на референдумот што ќе се одржи во април во Турција. На референдумот Турците треба да кажат дали се согласуваат на претседателот Ердоган да му дадат повеќе власт.
Чавушоглу на Си-Ен-Ен на турски јазик изјави дека ќе има тешки санкции против Холандија доколку не му се дозволи присуство на митингот кој треба да се одржи во Ротердам.
И покрај заканите за санкции Холандија одбива да му дозволи на авионот на министерот за слета на холандска територија.
Градоначалникот на Ротердам Ахмед Абуталеб најави дека митингот на турската заедница е забранет. Причина за тоа е што салата во која бил закажан настанот не е повеќе слободна.
И шефот на холандската дипломатија Берт Кундерс изјави дека се противи на посетата на Чавушоглу.
“Ние нема да учествуваме во посетата на високиот владин функционер на Турција кој сака да води политичка кампања за референдумот. Од тие причини ние нема да соработуваме и нема да му овозможиме да користи средства кои вообичаено се даваат од земјата домаќин за министерска посета”, изјави Кундерс.
Тој додаде дека Холандија мора да се грижи за јавниот ред за холандските граѓани и оттука Холандија не сака оваа посета да се одржи.
Во Холандија се креваат тензиите а земјата се наоѓа на три дена пред парламентарни избори.
На ова Чавушоглу одговори:
“Ако растат тензиите, оставете нека растат. Што лошо може мојата посета на направи?”, рече тој.
Референдумот во Турција и желбата на турските политичари да држат митинзи во европските земји каде што живеат многу Турци ги влоши односите помеѓу Анкара и Берлин.
Германија забрани повеќе митинзи за референдумот на кои учествуваат турски политичари. Истото го направија Швајцарија и Австрија.
Референдумот е закажан за 16 април.




