Владата на германската канцеларка Ангела Меркел, денеска го блокираше предлогот за одобрување на двојно државјанство за стотици илјади имигранти.
Левоориентираната опозиција ја обвини коалициската Влада дека „се држи до застарени сфаќања и оти има антитурски став кој е на работ на расизмот“.
Предложениот закон би имал најголемо влијание врз жителите на Германија од турско потекло.
Конзервативците во германскиот Парламент сметаат дека од клучно значење е намалувањето на пречките за работа на имигрантите во Германија и нивно ефикасно интегрирање, додека давањето двојно државјанство, како што тие тврдат, би можело да доведе до формирање паралелни општества и да и овозможи на Турција политичко влијание во Германија.
Германија сега не дозволува никому постојано да поседува две државјанства, иако постојат исклучоци, како што се жителите на други членки на ЕУ и на Швајцарија.
Децата на имигрантите кои се родени во Германија можат да ги задржат двете државјанства – и германско и она на нивните родители – се додека не наполнат 18 години кога мора да се определат за едно од тие два.