Премиерот на Данска, Ларс Локе Расмусен му предложил на турскиот колега Бинали Јилдирим да ја одложи посетата планирана за 20 март поради дипломатскиот спор меѓу Турција и Холандија.
„Имајќи ги предвид нападите во Холандија, средбата не може да се гледа одвоено од тој контекст. Поради тоа му предложив на мојот турски колега состанокот да биде одложен“, соопшти Расмусен, пренесуваат повеќе агенции.
“Во нормално време би било задоволство да се прими турскиот премиер со кој имав искрен и конструктивен дијалог на 10 декември во Анкара”, додаде тој.
И подвлече дека Данска со голема загириженост го гледа развојот на настаните во Турција каде што “демократските принципи се под силен притисок”. Посетата на премиерот може да биде протолкувана погрешно и да се смета дека Данска има позитивна визија за политичкиот развој во Турција. Според данскиот премиер тоа “воопшто не е случај”.
Неколку европски земји веќе ги спречија турските политичари да имаат политички средби со припадниците на турската заедница, а меѓу нив се Холандија, Германија, Швајцарија и Шведска.




