Работодавците можат да забранат носење видливи верски, политички и филозофски симболи, одлучи Европскиот суд на правдата.
Забраната мора да биде заснована на внатрешните правила на компанијата кои предвидуваат сите вработени да се облекуваат „неутрално“, но не на основа на желбите на клиентите или купувачите, се вели во одлуката на Судот.
Ова е прва одлука во врска со носењето исламски марами на работното место. Поводот се два случаи на вработени во Белгија и во Франција кои добиле отказ, бидејќи одбиле да ги тргнат марамите.
Минатиот месец, суд во Германија одлучи едно училиште во Берлин да исплати отштета на наставничка која не добила работа поради тоа што носела бурка. Германскиот суд таквата одлука на училиштето ја оцени како дискриминаторска. Судот одлучи дека носењето бурка нема да предизвика тензии во тоа училиште.
Претходно, закони за забрана на носење бурка, меѓудругите, усвоија и Бугарија, Швајцарија и делови од Франција, а прав се крена кога таков предлог изнесе и АНгела Меркел која кон крајот на 2016 се изјасни за забрана на целосното покривање на лицето „онаму каде што дозволува законот“. Таа тогаш нагласи дека „целосното покривање на лицето не е прикладно во Германија“.
-Кај нас важи правилото дека лицетот треба да се покаже и со тоа, целосното покривање не е соодветно и треба да се забрани онаму каде што тоа законски е возможно, изјави Меркел, на заседанието на нејзината партија ЦДУ што предивика воодушевување кај 1.000 делегати. „Затоа ЦДУ ќе ја забрани бурката во суд, за време на полициски контроли и во сообраќајот“, рече Меркел.
Минатото лето, буркини (муслиманска верзија на костим за капење што го покрива телото) предизвика неговдување на европските плажи. Одредени жени кои го носеа се соочуваа со непријатности посебно на француските плажи.




