Конзорциум од три странски компании – „Enviroplan SA“ од Грција, „C&E Consulting and Engineering GmbH“ од Германија и „BT Engineering Ltd“ од Бугарија ќе подготвуваат планови за управување со отпад и стратешка еколошка проценка за источниот и североисточниот регион на Македонија.
Целта на овие активности е да се поддржи процесот на создавање на интегриран и финансиски одржлив систем за управување со отпадот во овие региони, а подготовката на релевантните документи е прв чекор во оваа насока.
Проектот ќе трае 15 месеци, а неговата цена изнесува 1,14 милиони евра. Максималниот одобрен износ беше 1,4 милиони евра, а проектот е финансиран со пари од претпристапните фондови на Европската унија (ИПА).
За разлика од најголемиот број тендери, каде што најголемо влијание за добивање на зделката игра цената, овде најголемо влијание од 80 отсто имаат техничките карактеристики, додека цената учествува само со останатите 20 отсто.