Транспаренси Интернешнл – Македонија денеска преку формално доставени иницијативи ги повика институциите да ги истражат и да санкционираат активностите на директоротот Кире Николоски од Прилеп којшто овие денови ги повикуваше учениците од СОУ „Мирче Ацев“ да излезат на протестите на иницијативата „За Заедничка Македонија“.
-Имајќи предвид дека г-н Кире Николоски со своите дејствија го прекршил чл.7 ст.1 од Законот за средното образование и чл.12 ст.4 од Законот за заштита на деца, Транспаренси Интернешнл – Македонија поднесе иницијативи за вршење на инспекциски надзор до Државниот просветен инспекторат и Министерството за труд и социјална политика, а побара постапување и од Народниот правобранител на Република Македонија. Транспаренси Интернешнл – Македонија бара од институциите да го испитаат случајот согласно своите надлежности и одговорните да бидат казнети согласно законите. Вакви слични случаи повремено се повторуваат, а при тоа не се лоцира одговорност и казните изостануваат. Неказнивоста на злоупотребите на службената положба и политичката заштита над прекршителите на законот мора да престане, па поради тоа ТИ-М ќе ги следи овие постапки до крај и ќе бара доследно почитување на законот, се вели во соопштението.
Директорот Николоски беше снимен како држи политички говори во училиштето и ги повикува учениците да ја прекинат наставата и да излезат на протест. Во изјава за НОВАТВ тој не само што потврди дека гласот од снимката е негов, туку и раскажуваше дека тој им зборувал само на оние деца кои не сакале да одат на протести, додека другите деца од училиштето ја прекинале наставата и заминале да протестираат. Тој рече дека не се чувствува одговорен.