Главните донатори за Западен Балкан, разни агенции и меѓународни финансиски институциии, како и претставници на владите од земјите регионот, меѓу кои и од Македонија, учествуваат на координативната донаторската конференција која денеска се одржува во Сараево.
Конференцијата е во организација на Регионалниот совет за соработка (РСС), интервладино тело на земјите од Југоисточна Европа, а со нејзе претседава генералниот секретар на РСС Горан Свилановиќ.
– Ако сакаме повторно да ги покренеме процесите на приближување кон ЕУ, државите од Западен Балкан треба да гледаат надвор од своите граници и прилично малите економии – изјави Свилановиќ.
На донаторската конференција Македонија ја претставува државниот секретар во Министерството за надворешни работи Сања Димитриевска.
На отворањето на Конференцијата беше претставена и новата база на податоци за донациите во Југоисточна Европа под името SEEDAD, а главна цел е утврдување на приоритетите за финансирање за периодот 2017-2019 година.
Собирот се одржува паралелно со самитот на премиерите од земјите од Западен Балкан, кој исто така се одржува во Сараево.





