Според најновите безбедносни ограничувања на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, авиокомпаниите кои имаат директни летови од Блискиот исток, Истокот и Африка кон САД, мора да им забранат на патниците да носат во кабината секаков вид на електронски уред.
Патниците мора да ги стават во багажот сите електронски уреди поголеми од мобилен телефон, како Ајпад, Киндл и лаптоп, пред да ги поминат безбедносните проверки и пред да влезат во авионот, како заштита од тероризам, изјави претставник на американската администрација за Си Ен Ен.
Оваа забрана ќе опфати над 50 летови од 10 аеродроми, вклучувајќи ги и оние масовните како Дубаи и Истанбул. Девет авиокомпании кои се опфатени со забраната биле информирани за процедурата од страна на Администрацијата на транспортна безбедност во 3 часот после полноќ по средноевропско време и мора да ги применат во рок од 96 часа.
Овој висок американски претставник рекол дека разузнавачки информации укажале дека терористички групи ќе таргетираат комерцијални авиони со шверцување на експлозивни материи во различни предмети. Но нема информации за конкретна закана и за кои аеродроми се работи.
Десетте аеродроми кои се опфатени со забраната се Каиро, Дубаи и Абу Даби, Истанбул, Доха, Аман, Кувајт сити, Казабланка, Џеда и Ријад, додека деветте авиокомпании се Иџипт Ер, Емирејтс Ервејс, Етиад Ервејс, Кувајт Ервејс, Катар Ервејс, Ројал Ер Марок, Ројал Џорданиан Ерлајнс, Сауди Арабиан Ерлајнс и Туркиш Ерлајнс.
Притоа со забраната не се опфатени американските компании, бидејќи ниту една нема директен лет од овие аеродроми до САД.
Инаку, оваа забрана вклучува една од најсеопфатните авијациски безбедносни мерки преземени од терористичките напади на 11 септември 2011 година.




