Доналд Трамп може да биде приморан да ја напушти својата функција доколку истрагите на институциите покажат дека неговата администрација има врски со Русија, изјави безбедносниот аналитичар Џон Шиндлер, пренесе Индепендент.
Шиндлер, кој е безбедносен експерт и поранешен разузнавач во американската безбедносна агенција (НСА) вели дека доколку американскиот претседател се соочи со обвинение заради наводите дека тимот кој ја водел предизборната кампања на Трамп, соработувал со Русија за да се влијае на американските избори, тоа би можело да стави крај на неговото претседателство.
Повиците за истрага на врските на Трамп со Русија стануваат се почести и погласни во американските медиуми.
Колберт И. Кинг кој е заменик уредник во Вашингтон Пост и добитник на Пулицеровата награда, објави колумна во весникот во која констатира дека е време ФБИ да започне да ги следи руските пари и нивните конекции со бизнисите на Трамп.
Тој наведува повеќе примери на медиумски написи во кои дел од фирмите на Трамп се поврзуваат со руски капитал.
„Трамп можеби е во право кога вели дека тој нема пари во Русија и никогаш не инвестирал таму. Но тој не може да рече дека Русите немаат инвестирано во неговите недвижнини. Неговиот син во 2008-мата изјави дека руските инвестиции „се истураат“ во бизнисите на Трамп“, пишува Кинг.
Реакциите доаѓаат откако директорот на ФБИ, Џејмс Коми потврди дека Бирото ги истражува наводите дека Русија се вмешала во американските претседателски избори минатата година.
И други институции исто така ја истражуваат можната руска врска зад затворени врати, пренесуваат американските медиуми.




