Податоци на повеќе од 400 илјади луѓе од цела Србија, прецизно впишани во табели со нивните матични броеви, бројот на личната карта, адресата и домашните и мобилните телефони се објавени на јавен сервер, објави телевизијата Н1.
На одредени места стои и забелешка дека се работи за податоци кои се користени и во партиски цели.
Податоците биле поделени во 222 табели за градовите и селата во Србија.
Во дел од нив стои:
„6209. Досега гласале за ДС. Нема веќе. инвалид. Деца 20 и 22 години. Невработена, жената работи во кафана за 11.000. Тој е инвалид од Босна.
7382: Жената е од Рамиз. Вели пред гласањето да и се даде малку брашно или зејтин и доколку тоа се случи, сите Ш***ари од Адица ќе гласаат за нас. Многу знае.
34142: Голем противник на оваа власт. Да не се контактира.“
Сите овие податоци според телевизијата биле закачени на јавен сервер, но тој не бил користен од многу луѓе.
Се појавува и мејл адресиран од Аца Дујановиќ со инструкции за податоците во базата. Исто име носи и помошникот на претседателот на белградската општина Савски венец. Тој за Н1 го демантирал мејлот и рекол дека не чул никогаш за никаква база на податоци.
Во оваа општина мнозинство има Српската напредна партија на Александар Вучиќ, но интересно е што голем број од табелите покажуваат на тоа дека податоците ги собирала Демократската партија, што укажува на тоа дека податоците во одреден момент прешле во рацете на другиот политички табор, објави Н1.




