Градоначалникот на Истанбул Кадирт Топбаш изјави дека е подготвен да се откаже од некои делови од проектот за реконструкција на плоштадот Таксим, кој беше повод за почеток на протестите против премиерот Реџеп Таип Ердоган.
Топбаш изјави дека постои можност да се откаже од изградбата на неколкуте објекти кои беа планирани, како трговскиот центар, хотелот, станбената зграда, а да се изгради општински музеј или изложбен центар, додавајќи дека сите можности ќе бидат разгледани со архитектите.
Тој напомена дека властите не се откажуваат од обновувањето на поранешната османска касарна на локација во паркот Гези, која беше разурната во 1940 година.
– Проектот за обновување на касарната е дел од нашите изборни ветувања и народот не ополномошти да ги спроведеме, додаде Топбаш.
Проектот за реконструкција на плоштадот Таксим предвидува уништување на паркот Гези и на 600-те дрвја во него, со цел да биде обновена османската касарна, а плановите беа да се изгради и трговски центар или станбена зграда.