Партијата на десниот центар Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на поранешниот премиер Бојко Борисов води на денешните предвремени парламентарни избори, покажуваат двете анкети на изборните места.
ГЕРБ добиле 32,2 отсто од гласовите, додека Социјалистичката партија е на второ место со 28 отсто од освоените гласови, покажува анкетата на Алфа рисрч.
Според анкетата пак на Галуп Балканс, за ГЕРБ гласале 32,8 отсто од избирачите, додека за социјалистите 28,4.
Централната изборна комисија објави дека до 17 часот гласале околу 43 отсто од гласачите. Официјалните резултати се очекува да бидат соопштени во понеделник.
Борисов си поднесе оставка која ја вети доколку на изборите за претседател на Бугарија биде поразена кандидатката од неговата партија Цецка Цачева. За претседател на Бугарија беше избран Румен Радев, кандидатот на левичарската коалиција БСП.




