Кракот на гасоводот Јужен тек за Македонија ќе пристигне од Србија. Тамошниот министер за рударство и просторно планирање, Милан Бачевиќ, за Танјуг изјави дека неговото министерство во соработка со компаниите Србијагас и Газпром почнало да ја собира неопходната документација за изработка на просторниот план за јужниот крак на Јужен тек кон Македонија.
Ова е првпат да се добие било каква информација за тоа од каде кракот на Јужен тек ќе влезе во земјава, но и прва информација која говори дека тој, за жал, нема да биде транзитен кон трети земји, туку ќе заврши на наша територија.
Јужниот крак на гасоводот Јужен тек низ Србија би требало да се состои од траса кон Македонија, при што еден правец од кракот ќе се одвои кон Косово, а втор кон Црна Гора и потоа се очекува и оваа земја да почне да добива гас од Србија, наместо како досега, од Албанија, вели Бачевиќ.
Одвојувањето на кракот кон Косово би било кај Мердаре или кај Подујево, објаснува министерот, а кога станува збор за Црна Гора, Србија би сакала овој правец да се протега покрај трасата на идниот автопат Пожега-Болјаре.
Изработката на просторниот план за кракот кон Македонија е во тек, а делницата кон Црна Гора допрва треба да се договори и сѐ уште е во фаза на идејна разработка – прецизира Бачевиќ. За делницата кон Косово, пак, тој не дава никакви појаснувања дали за ова се расправало со косовската страна.
Министерот наведува дека должината на овој јужен крак на Јужен тек низ Србија би требало да биде два пати подолга од главната делница на меѓународниот гасовод низ Србија, за кој веќе е усвоен просторниот план и донесен посебен закон. Со тој крак е покриен само северниот и североисточниот дел на Србија и Војводина и со него две третини од земјата нема да бидат покриени од гасовод.
Но, со овој јужен крак кон Македонија и со двата правци што ќе се одвојат од него кон Косово и Црна Гора, како и двата други правци од главниот гасовод кои ќе одат кон Хрватска и Република Српска, територијата на Србија ќе стане главната клучка на Газпром за Балканот од каде што ќе се извлекуваат гасоводни краци и правци за речиси сите соседни земји.
Србија ваков третман од Газпром добива и заради својата географска положба како централна балканска земја која има најмногу соседни држави, но уште повеќе заради нејзината геостратешка и геополитичка ситувација, односно нејзините посебни врски со Русија и фактот што преклани државната нафтена компанија Нафтна индустрија Србије (НИС) беше купена од Газпром.
Од друга страна, пак, ова за Македонија значи дека гасоводниот крак на Јужен тек, кој ќе пристигне во земјава, тука и ќе заврши, исто како и другиот гасовод, кој пристигнува од Бугарија и не продолжува никаде. Ова значи и дека Македонија нема да биде транзитна земја за природен гас, иако имаше очекувања гасот за Албанија и Косово да помине низ Македонија и со тоа земјава да заработува и од транзит (Газпром плаќа по 2 долари на 1.000 метри кубни гас на секои поминати 100 километри кога неговиот гас транзитира низ некоја земја).
Ова е штета со оглед на фактот што македонските власти имаа можност да излобираат Косово и Албанија да добиваат гас преку Македонија, наместо преку Србија. Србија, како што е многу добро познато, нема добри односи ниту со Албанија, а Косово не го ни признава.
Сепак, македонската Влада веќе најави дека во текот на месецов ќе биде потпишан договорот со Газпром во Санкт Петресбург и дека преговорите се завршени и условите договорени.
Тогаш веројатно ќе се дознаат и дополнителни информации, како на пример, колкав ќе биде капацитетот на овој крак за Македонија, како и неговата должина, која сѐ уште е непозната. Делницата на главниот гасовод Јужен тек, која ќе поминува низ Србија, ќе изнесува 424 километри, а правците кон Република Српска и кон Хрватска ќе бидат долги 160 километри.