Студен дипломатски бран дува врз Москва и Вашингтон откако се случи нападот со хемиско оружје врз сириското цивилно население а САД ја бомбардираа Сирија.
Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон од вчера е во Русија, но претседателот Владимир Путин не сака да го прими па шефот на дипломатијата на САД ќе се сретне денес со неговиот руски колега Сергеј Лавров. Во моментов се далеку убавите спомени кога Тилерсон, како директор на Ексон, склучуваше лукративни договори во Русија и често се среќаваше со Путин.
Средба на Тилерсон и Путин од 2012 година
Муабетот помеѓу дипломатите на двете земји ќе биде остар со оглед на последните размени на мислења помеѓу двете земји и руското вето за резолуцијата за Сирија што ја предлагаат САД, Велика Британија и Франција. Трите земји предложија три верзии на резолуцијата во која пред се се бара Сирија да дозвол истрага за нападот но текстот на беше ставен досега на гласање поради најавите за руско вето. Нов обид ќе биде направен вечерва.
Оваа прва официјална посета на првиот дипломат на САД беше закажан пред хемискиот напад и требаше да донесе нормализација на односите како што вети Доналд Трамп за време на изборната кампања.
Но, односите во моментов наликуваат на односите во текот на последните месеци на владеењето на Барак Обама и тензиите се видливи. Многу аналитичари тврдат дека повторно се чувствува “мирисот на студената војна”.
Во Вашингтон министерот за одбрана Џим Матис изјави вчера дека Асад е виновен за нападот со хемиско оружје во Сирија. Претходно висок функционер на Белата куќа ја обвини Москва дека “сее конфузија” за улогата на сирискиот режим во нападот и се обидува да ги обвини џихадистите од терористичката организација Исламска држава.
Друг функционер, кој исто така барал анонимност, изјави дека на Русите треба да им се постави прашањето за соучество во овој напад.
Русија од друга страна смета дека Сирија нема врска со овој напад. Според Москва вината треба да се бара на друга страна, кај бунтовниците бидејќи Сирија нема хемиско оружје.
Путин пак изјави дека Американците го играат сценариото од 2003 година кога беа фабрикувани лажни докази за да се докаже дека Садам Хусеин има оружје за масовно уништување по што следеше напад врз Ирак.
Тилерсон во Москва носи порака од Г7 земјите кои вчера се состанаа во Италија. Овие сојузници сметаат дека за Сирија нема иднина со Асад.
Во Италија Тилерсон се запраша дали сојузништвото со Асад е руски интерес или можеби би било подобро Москва да влезе во сојузништво со западните земји и земјите од Блискиот Исток за да се реши кризата во Сирија.
По средбата на Тилерсон и Лавров претпладнево, шефот на руската дипломатија има неделава закажано средби со колегите од Сирија Валид Муалем и Иран Мухамед Џавад Зариф.





