Владимир Путин сепак се реши да го прими на разговор американскиот државен секретар Рекс Тилерсон.
На средбата присуствуваше и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров но по неа не беше соопштено за што се разговарало.
Утринава Путин одби да се сретне со Тилерсон.
Ова е прва официјална посета на првиот дипломат на САД која беше закажана пред хемискиот напад врз Сирија и требаше да донесе нормализација на односите како што вети Доналд Трамп за време на изборната кампања.
Владимир Путин денес оцени, пред средбата со Тилерсон, дека односите помеѓу Русија и САД се уште полоши отколку што беа за време на администрацијата на Барак Обама.
Односите во моментов наликуваат на односите во текот на последните месеци на владеењето на Барак Обама и тензиите се видливи.
Во Вашингтон министерот за одбрана Џим Матис изјави вчера дека Асад е виновен за нападот со хемиско оружје во Сирија. Претходно висок функционер на Белата куќа ја обвини Москва дека “сее конфузија” за улогата на сирискиот режим во нападот и се обидува да ги обвини џихадистите од терористичката организација Исламска држава.
Друг функционер, кој исто така барал анонимност, изјави дека на Русите треба да им се постави прашањето за соучество во овој напад.
Русија од друга страна смета дека Сирија нема врска со овој напад. Според Москва вината треба да се бара на друга страна, кај бунтовниците бидејќи Сирија нема хемиско оружје.
Путин пак изјави дека Американците го играат сценариото од 2003 година кога беа фабрикувани лажни докази за да се докаже дека Садам Хусеин има оружје за масовно уништување по што следеше напад врз Ирак.




