Исмаил Кадаре побара отворање на неговото досие што го правела Сигурими, тајната полиција на комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа, јави агенцијата АФП.
Овој познат писател, кој денес има 81 година, за АФП изјавил дека побарал досието да биде отворено и без да поставува какви било услови.
Албанските власти одлучиле да дозволат пристап до архивите на Сигурими на дикаторот Енвер Хоџа кој беше на власт во оваа држава од 1944 година до неговата смрт во 1985 година.
Кадаре би сакал да ги види сите информации и истраги кои оваа тајна полиција ги правела за него и сака да дознае кои луѓе го следеле и го шпионирале.
Кадаре пишувал и за време на диктатурата објаснувајќи подоцна дека се обидувал “да пишува нормална литература во ненормална држава”.
Од објавувањето на познатиот роман “Генералот на мртвата војска” во 1963 година и неговиот азил во Франција во 1990 година, Кадаре работел под постојана опасност дека може да биде уапсен од страна на Сигурими. Тој бил постојано следен а во 1975 година, по објавувањето на песната “Црвениот паша” во која се критикува режимот, морал да направи самокритика како што тоа го побарале властите во тоа време.
Денес Кадаре работи и во Париз и во Тирана а своето барање за отворање на неговото досие го објави во повеќе албански медиуми.
Кадаре е еден првите луѓе што побараа отворање на архивите на Сигурими бидејќи смета дека овој чекор е неопходен за да може албанското општество конечно да расчисти со темната страна на минатото.
“За жал, моето барање не беше слушнато. Моето барање секогаш предизвикувало тензии од очигледни причини”, изјавил писателот.
За време на режимот на Енвер Хоџа во Албанија биле затворени нас 100.000 лица во логори, 20.000 во затвори а 6.000 лица се мртви или исчезнале за време на комунистичкиот режим од 1944 година до 1991 година.




