Со голема парада во Пјонгјанг, Северна Кореја ја започна прославата на 105 годишнината од раѓањето на својот основач Ким Ил Сунг. На прославата на празникот познат како „Ден на Сонцето“, претставен е нов вид ракета од долг дострел која се лансира од подморница.
Ракетата има дострел од 1.000 километри.
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун на прославата на роденденот на својот дедо носеше темно одело, изгледаше опуштено и се смееше со соработниците, додека ја следеше големата парада на главниот плоштад во Пјонгјанг.
Како што наведува агенцијата Јонхап повикувајќи се на телевизиски снимки, камион со објекти налик на ракети поминал низ главниот градски плоштад пред севернокорјскиот лидер и други високи функционери на режимот.
-Иако не е потврдено што има внатре, постојат силни индиции дека тоа е нова ИБЦМ на Северна Кореја, наведува јужнокорејската агенција.
Во текот на парадата војниците марширале, а можеле да се видат и тенкови, системи за лансирање ракети и друг вид вооружување, додека авиони во 105 формација надлетувале над главите на присутните.
Еден од блиските соработници на севернокорејскиот лидер го повтори предупредувањето до САД за време на парадата на преполниот плоштад.
-Доколку САД продолжат со провокациите кон нас, нашата револуционерна сила веднаш ќе им се спротивстави на нападите, изјавил тој.
За разлика од другите паради, на оваа не беа присутни кинески претставници.
Кина е главен сојузник на Северна Кореја, но се изјасни против севернокорејските ракетни и нуклеарни проби и ги поддржа санкциите на ОН кон Пјонгјанг.







