Државниот оператор за пренос на електрична енергија МЕПСО, го објави долго најавуваниот тендер за реконструкција и обнова на фасадата на својата деловна зграда, а со цел “да се подобри енергетската ефикасност“, при што реконструкцијата ќе ја опфати и внатрешноста на зградата.
Овој проект е во рамките на проектот Скопје 2014, ако по ништо друго тогаш барем по изгледот зашто тој ќе биде исто во неокласицистички стил и ќе содржи скулптури на лавови.
Од заинтересираните компании се бара да достават гаранција во вредност од 3 отсто од зделката. Учеството на тендерот ќе биде отворено, а главен критериум ќе биде најниската цена. Изборот на најуспешниот кандидат ќе се изврши по пат на електронска аукција. Последен рок за поднесување на писмата со кои се искажува интерес за учество на тендерот е 27 јули до 13 часот.
Распишувањето на тендерот доаѓа откако на 30 јануари годинава советниците на Општина Центар во стариот состав, пред локалните избори, се изјаснија за одобрување на предлог-програмата која предвидува нова барокна фасада за зградата на МЕПСО. Објектот тогаш доби одобрение за реконструкција и стилизација во барокен стил со 12 гласа за и 10 против.
Тогаш беше и наведено дека изведувачот ќе има обврска да ја реконструира зградата во рок од 18 месеци.
Вчера, пак, на сајтот на Бирото за јавни набавки беше објавена одлуката зделката за довршување на зградата на поранешна Југобанка, во која планира да се пресели Министерството за финансии заедно со Бирото за јавни набавки, Државниот девизен инспекторат и Управата за имотно-правни работи, да ја добие компанијата „ЛСГ Билдинг Солушнс “ДООЕЛ од Скопје. Вредноста на оваа зделка 15,5 милиони евра.