Британската премиерка Тереза Меј најави избори во Велика Британија кои ќе се одржат на 8 јуни.
Причината за овие вонредни избори е фактот што повеќе британски партии се противат на плановите на владата за Брегзит, изјави таа.
Велика Британија има план за Брегзит, план што ќе и дозволи на земјата да ја врати контролата на своите граници, но другите партии не се согласуваат со ова.
“Во Вестминстерската палата (британскиот Парламент) мора има единство, а сега го нема”, рече таа за да објасни дека се потребни нови избор за да има единство околу толку значаен чекор.
Таа ја повика опозицијата да даде согласност за нови избори и одлуката да им ја препушти на избирачите. За предвремените избори парламентот во Лондон би требало да донесе одлука веќе утре. За да бидат распишани избори неопходно е двотретинско мнозинство.
Конзервативната политичарка досега категорично отфрлаше можност за нови избори. Меј постојано мораше да се брани од обвинувањата дека нема мандат. Таа беше избрана на функцијата од страна на својата партија во јули 2016 година, откако нејзиниот претходник Дејвид Камерон се повлече по референдумот за Брегзит на 23 јуни 2016-та.
Редовни избори во Велика Британија, инаку, би се одржале во 2020 година. Најновите истражувања на јавното мислење укажуваат на тоа дека конзервативците на Меј имаат значителна предност пред опозициската Лабуристичка партија.




