Русија вчера спречи Советот за безбебндост на ОН да ја осуди Северна Кореја поради најновото лансирање на ракета, и покрај тоа што осудата имала поддршка од Кина.
Според изјавата на дипломати, Москва сакала да се подобри текстот на предлогот што го поднесоа САД, со кој се изразува апсолутна загриженост за дестабилизирачкото однесување на Северна Кореја, со закана за преземање значајни чекори.
Некои од нив, зборуваа под услов да не им се објават имињата, признавајќи дека се изненадени од руската блокада на текстот и покрај фактот дека текстот е поддржан од страна на Пекинг, кој обично дипломатски ја штити Северна Кореја во ОН.
Минатиот месец, Советот едногласно остро ја осуди серијата лансирања на проектили од Пјонгјанг.
Ники Хејли, американската амбасадорка во Обединетите нации која сега претседава со Советот за безбедност на ОН, изјави дека на соопштението работат земјите-членки, како одговор на нивното последно неуспешно лансирање на проектилите.
Руската блокада доаѓа една недела пред состанокот на Советот за безбедност за Северна Кореја, со кој ќе претседава државниот секретар на САД Рекс Тилерсон.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во средата објави дека земјите кои се „во првите борбени редови“ на кризата – Кина, САД, Јапонија, Јужна Кореја, Русија, треба да сторат сѐ за да ја спречат трката во наоружување на Пјонгјанг.
Агенцијата Спутник пренесува дека мисијата на Русија е изненадена од извештајот дека наводно руската делегација ја блокирала предлог-изјавата за медиумите во која се осудува лансирањето на ракетата.
Претставништвото на Русија објаснува дека руската делегација само посочила дека во нацртот имало серија некоординирани формулации, но наведуваат дека американската делегација, без објаснување, престанала да работи на документот и изјавила дека Русија ја блокира изјавата за медиумите.




