“Нов напад во Париз. Францускиот народ нема тоа да го прифаќа уште долго. Ќе има големо влијание врз претседателските избори”, твитна американскиот претседател Доналд Трамп утринава по синоќешниот напад на авенијата Шанзелизе во која загина еден полицаец.
Французите во недела ќе гласаат во првиот круг на претседателските избори а вториот круг, во кој ќе се соочат двајцата победници од првиот круг, е закажан за 7 мај.
Дали Трамп има право? И дали терористички напад за време на изборна кампања може значително да влијае врз гласачите? Одговорот ќе го добиеме во недела во 20 часот по објавувањето на резултатите.
Инструментализација на стравот од тероризам
Утринава кандидатите на екстремната десница и на десницата Марин Ле Пен и Франсоа Фијон повикаа на драстично зајакнување на анти-терористичката борба.
Шефицата на екстремниот Национален фронт со воинствен јазик го нарече претседателот Франсоа Оланд за “ноторно неуспешен” и повика да бидат донесени безбедносни глобални одговори. Ле Пен одамна го заостри својот тон во однос на безбедноста и имиграцијата во надеж дека со тоа ќе привлече гласачи.
Конзервативецот Фијон изјави дека треба да се биде “луциден” во “војната што ќе биде долга” и наброја драконски безбедносни мерки за кои вети дека ќе ги спроведе “со железна рака” ако стане претседател.
Центристот Емануел Макрон побара од Французите да и застанат на пат на “инструментализацијата која се состои од внесување страв” и оцени дека Франција уште долго ќе живее со терористичката закана.
Засега на списокот има 11 кандидати од кои четворица водат во анкетите: Емануел Макрон, Марин Ле Пен, Франсоа Фијон и Жан-Лук Меланшон. Трката е тесна и непредвидлива.
Бернард Казнев
Францускиот премиер Бернард Казнев ги обвини Ле Пен и Фијон дека избрале “претерување и поделби” а беше особено остар кон шефицата на Националниот фронт велејќи дека таа бесрамно ги инструментализира стравот и емоциите на луѓето.
Изборите – безбедносен предизвик
По нападот на Шанзелизе, првиот круг на изборите претставува вистински предизвик за француските безбедносни сили.
“Ништо не смее да го поремети овој демократски момент за нашата земја”, изјави премиерот по Советот за национална безбедност кој се одржа утринава во претседателската Елизејска палата.
Министерот за внатрешни работи Матијас Фекл изјави дека во близина на избирачките места не смее да има видливо присуство на безбедносни сили:
“Тоа е демократското правило”, рече тој.
Во недела ќе има 50.000 полицајци повеќе отколку вообичаено и 7.000 војници кои ќе ги обезбедуваат сите 67.000 избирачки места.
Сесил Бертон, генерален секретар на синдикатот на полицијата, вели дека “недела е денот на сите опасности” бидејќи избирачките места се “симболични цели” кои за секоја терористичка организација се местото каде треба да се удри.
Последни анкети
Досега во сите анкети на прво место избиваше Ле Пен а по неа следеа Макрон, Фијон и Меланшон.
Четворица фаворити: Ле Пен, Макрон, Меланшон, Фијон
Но според две нови анкети Французите менуваат мислење: прв е Макрон со 23 отсто намери за гласање а потоа Ле Пен со 22 отсто, Фијон со 20 проценти и Меланшон со 19 проценти.
Според другата тазе анкета Макрон има 25 отсто гласови, Ле Пен 22 отсто а Фијон и Меланшон со по 20 отсто секој.
Нема сомнение дека ова се најнепредвидливите избори во Франција.
Финалниот спринт ќе биде многу тесен особено ако се знае дека постои голем ризик за мала излезност и фактот што 30 отсто Французи и денес, на три дена пред изборите, се уште не се одлучиле за кого да гласаат. Стравот од нов напад исто така може да обесхрабри многу луѓе да излезат на гласање.
Според сите анкети, Ле Пен, доколку влезе во вториот круг што е сосема веројатно, ќе загуби од било кој од другите тројца кандидати.