Според податоците од Општинската изборна комисија, на референдумот што вчера се одржа во Гевгелија, гласале 68 отсто од вкупно запишаните 19.459 гласачи (или 13.384 граѓани), со што исполнет е законскиот цензусз за успешност на референдумот (50% +1).
Според истите податоци, против отворањето рудници за злато на Кожуф се изјасниле 13.097 граѓани (повеќе од 99%),154 биле за, а 133 ливчиња се неважечки.
Mониторинг тимот на „ЦИВИЛ“ регистрираше повеќе помали нерегуларности во целиот процес.
-Имаше повеќе случаи на потполна неинформираност на гласачите, а во целост, може да се забележи недоволно ангажирање на ОИК за навремено и квалитетно информирање на локалната јавност за Референдумот. Се бележат и помали пропусти во работата на Избирачките одбори, УВ ламбата не работеше во две избирачки места, како и три случаи на групно гласање. Се бележат и проблеми со Избирачкиот список, односно повреда на гласачкото право. Дел од гласачите не можеа да се најдат на Избирачкиот список, велат од ЦИВИЛ, кои утре ќе објават целосен извештај.
Ваквиот резултат дел од нив го прославија со колони со сирени низ градот, како и со еуфорични коментари на социјалните мрежи.
Гевгеличани се изјаснуваа ЗА или ПРОТИВ отворањето на рудници за злато на планината Кожув, референдум што го иницира граѓанската иницијатива „Спас за нас“, а беше распишан со консензус од Советот на општината, откако канадските компании кои изминативе три години вршеа детални геолошки истражувања за рудно богатство на планината Кожуф, побараа концесија за отворање на рудници.
Кажаното НЕ на Гевгеличани правно не ја обврзува Владата да не издава концесии за експлоатација на руда во иднина. Иако мислењето што го дава Општината ќе биде негативно, крајната одлука е на надлежните министерства, односно на Владата.
Според Законот за минерални суровини неопходна е согласноста на локалната самоуправа за отворање рудник.
Референдумот во Гевгелија беше поттик и во другите општини од југоистокот на Македонија, Кавадарци, Валандово, Богданци, Струмица да се формираат вакви здруженија чија цел е исто така забрана за издавање дозволи за експлоатација на бакар и злато во овој регион. Ваква дозвола веќе е издадена за рудникот Казадол во општина Валандово, а геолошки истражувања за отворање на вакви рудници се вршат и на териториите на општините Кавадарци, Струмица и Богданци.