Француската полиција соопшти дека по првиот круг од претседателските избори во текот на ноќта поради нереди кои избија во Париз уапсени се над 100 лица, пренесува АФП.
Како што се истакнува, тие фрлале шишиња кон безбедносните сили, палеле автомобили и кршеле излози на продавниците.
-Во насилствата во центарот на Париз полесно се повредени шестмина полицајци и тројца демонстранти, 143 лица се уапсени, а 29 од нив се задржани во притвор, соопшти полицијата.
На Плоштадот на Републиката во Париз синоќа се одржани протести поради резултатите од гласањето во првиот круг на претседателските избори во Франција, а француските медиуми јавија дека на тој собир дошло до судир на демонстрантите со полицијата.
Безбедносните сили и единиците за спречување нереди пристигнале во голем број, каде имало околу 1000 демонстранти кои изразувале незадоволство поради тоа што во вториот круг ќе се соочат центристот Макрон и десничарката Ле Пен.
Фигаро пренесува дека демонстрантите испишале повеќе графити на познатиот споменик поради што специјалните сили употребиле солзавец и гумени куршуми.
АП пренесе дека демонстрантите на Плоштадот на Републиката мавтале со црвени знамиња и играле околу логорски оган, а некои извикувале „Сега запалете ги вашите гласачки ливчиња“ и „Ни Марин ни Макрон“.
Претходно, демонстрантите се собраа во источниот дел на Париз на Плоштадот Бастиља, каде дошло до судир со полицијата која употребила солзавец за да ги растера левичарските демонстранти, меѓу кои претежно млади.




