САД првпат официјално потврдија дека сириската власт употребила хемиско оружје против бунтовниците. Вашингтон сега планира воена поддршка на опозицијата во борбата против Башар ал-Асад.
Американските разузнавачки служби поднесоа извештај дека силите на сирискиот претседател Башар Асад користеле хемиско оружје во мал обем против бунтовниците во граѓанската војна во Сирија, соопшти Белата куќа. Проценката може да биде дополнителен притисок врз Вашингтон да одговори на преминување на, како што изјави Обама, „црвена линија“, јавува Си-Ен-Ен.
Американскиот претседател Барак Обама уште пред повеќе месеци употребата на хемиско оружје од страна на власта во Сирија ја означи како „црвена линија“ преку која не може да се помине и му се закани на Асад дека ќе сноси последици. Но, досега САД беа воздржани во однос на тврдењата дека хемиско оружје веќе е употребено. Сега се чини дека „црвената линија“ дефинитивно е премината.