Гласилата на севернокорејскиот режим ги предупредија САД дека Северна Кореја „ќе ги збрише од лицето на Земјата“ доколку Вашингтон му објави војна на Корејскиот полуостров.
Родонг Синмун, весник на владејачката комунистичка партија, во уредничкиот коментар истакнува дека севернокорејските сили не се импресионирани од најавата за доаѓање на американските носачи на авиони во регионот, со оценка дека во прашање е отворена воена уцена.
Силите на Северна Кореја се подготвени „во еден напад да го потонат американскиот нуклеарен носач на авиони“, пишува во коментарот.
Уриминзокири, официјален сајт на Северна Кореја за ширење пропаганда, оценува дека испраќањето американскиот носач на авионот „Карл Винсон“ претставува „објавување војна и доказ дека се ближи инвазија на Северна Кореја“.
Ова се последните во низата размена на закани кои доведуваат до тензии во регионот.
Американскиот потпретседател Мајк Пенс во саботата изјави дека се очекува носачот „Карл Винсон“ за неколку дена да пристигне во Јапонското море.
Пјонгјанг од почетокот на април изврши две ракетни проби.




