Стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) за првото тримесечје од 2013 година изнесува 2,9 отсто, извести Државниот завод за статистика.
Во ова тримесечје, како и во минатите, најголем раст е забележан во градежништвото од 36,8 отсто, иако минимален раст е забележан во редица сектори.
Најмал раст од 0,5 отсто има кај јавната управа и одбрана, задолжителната социјална заштита, образованието, здравството и социјална работа, а најголем кај сообраќајот, складирањето, врските и финансиското посредување; активностите во врска со недвижниот имот, изнајмувањето и деловни активности, другите комунални, општи и лични услужни активности, каде што растот изнесува по 2,5 отсто.
Ваквиот растот на БДП, за кој е заслужно градежништвото, прашање е до кога може да биде одржлив и до кога оваа гранка врз себе може да го носи растот на целата економија. Како што и може да се претпостави, најголем дел од овој раст на градежништвото е резултат на проектот Скопје 2014 и зделките што градежните компании ги добиваат од државата за градежните зафати во центарот на главниот град.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, пак, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во однос на истиот период од 2012 година, номинално порасна за 2,1 отсто, а нејзиното учество во струкурата на бруто-домашниот производ изнесува 79,3 отсто.
За истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално порасна за 0,2 отсто, а увозот на стоки и услуги забележа намалување во номинален износ од 3,1 отсто.