Во Турција утрово е забранет пристапот до Википедија – слободната енциклопедија која секој може да ја користи и да редактира, соопшти турската НТВ.
Според информациите, забраната е наметната од турскиот Совет за информатичка технологија и комуникации од денеска, во 8 часот наутро, но не се наведуваат причините.
Се наведува дека забраната била наметната без претходно да е донесена судска одлука, а само со службената одлука на Советот. Забраната предизвика протести на социјалните мрежи.
Официјален претставник во телефонска изјава за НТВ истакнал дека ограничувањето на пристапот до Википедија е од безбедносни причини, а во врска со борбата против тероризмот. Тој посочи дека пред тоа, од турска страна, биле преземени иницијативи за ограничување на информации, кои според него им користат на терористички групи, но предупредувањата не биле земени предвид.




