Шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ усвоија насоките за разговорите со Велика Британија за излез од Унијата.
Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск преку Твитер соопшти дека лидерите на 27 држави од ЕУ едногласно усвоиле „цврст и фер мандат“ во врска со преговорите за Брегзит. Според претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер тоа се случило во рекордно време за 15 минути.
Централна точка е барањето за преговори во две фази. Прво мора да се разјаснат прашањата за излезот на Велика Британија од ЕУ, пред со Лондон да се разговара околу идната соработка. Тоа го потенцираше и германската канцеларка Ангела Меркел пред вонредниот самит на ЕУ: прво преговорите за рзвод, а потоа планови за иднината. Во прв план се темите за идните права на околу 3,2 милиони ЕУ-граѓани во Британија, меѓу кои и 100.000 Германци и околу 1,2 милиони Британци во ЕУ.
ЕУ бара Лондон да ги исполни финансиските обврски кои произлегуваат од членството во ЕУ, според некои проценки, тоа ќе изнесува околу 60 милијарди евра.
Преговорите околу Брегзитот ќе започнат по британските парламентарни избори, закажани за 8 јуни.




