Словенечкиот холдинг „Искра“, кој во себе содржи редица компании за електрика, електирчни материјали, електроника и ред други дејности размислува трудово интензивното производство да го пресели во Македонија. Ова го изјави претставник на компанијата, Душан Шешок, за дневниот деловен љубљански весник „Финанце“.
Ваквата изјава на Шешок е објавена во напис на весникот во кој се расправа за новиот данок на недвижности, кој го воведува словенечката држава со цел да ги надмине актуелните финансиски потешкотии. Овој данок треба да почне да важи од јануари следната година во Словенија и од него се очекуваат дополнителни 240 милиони евра во националниот буџет, како и дополнителни 40 милиони евра во општинските буџети.
Но, Шешок смета дека овој данок дополнително ќе ја намали конкурентноста на земјата.
– Новиот данок на недвижности повторно ќе ја намали конкурентноста. Не знам до каде овие нови даноци ќе не однесат. На нови инвестиции можеме да заборавиме. За странците сме сосема неинтересни – вели тој.
Според него, новите давачки значат дека домашните словенечки бизниси размислуваат како побрзо да ја напуштат земјата.
– И ние во „Искра“ имаме намера дел од трудово интензивното производство да го преселиме во Македонија. На пример, таму половина од социјалните давачки за ново вработените работници ги плаќа државата, десет години нема данок на добивка, а потоа тој изнесува 10 отсто – вели Шешок, кој додава и дека данокот на добивка во Словенија е 17 отсто.
Инаку, ова не е првпат некоја словенечка фирма да најави преселување во Македонија кога матичната словенечката држава бара дополнителни давачки или, пак, не нуди извесни олеснувања за инвеститорите.
Лани во јануари, друг словенечки бизнисмен, Урош Мерц, кој е директор на компанијата „Бисол“ од Мурска Собота, која, пак, произведува соларни панели, исто рече дека размислува производството да го пресели во земјава ако словенечката држава не му прости сума во износ од 100.000 евра, односно 50 отсто од данокот на добивка. Тој во таа прилика рече дека ако тоа се случи тој воопшто не би размислувал за преселување во Македонија, како и дека во Мурска Собота веднаш би вработил уште 100 лица, покрај постоечките 220.
Мерц, исто така, додаде и дека во Македонија платите се по 350 евра, додека во Словенија тие изнесувале по 1.700 евра, истакнувајќи дека во матичната држава месечно дава по 600.000 евра само за плати. И покрај тоа што Мерц тогаш изјави дека има само 2 месеци рок да донесе негативна или позитивна инвестициска одлука за инвестицијата вредна 5 милиони евра, „Бисол“ до ден денешен го нема во Македонија.