Претседателот на Косово, Хашим Тачи се очекува утре да распише предвремени парламентарни избори, по денешното изгласување недоверба на Владата на премиерот Иса Мустафа. Изборите треба да се спроведат најдоцна за 45 дена сметано од денес.
Според телевизијата Топ чанел, изборите најверојатно ќе се одржат на 18 јуни, истиот ден кога ќе бидат редовните парламентарни избори во Албанија.
На денешното гласање на барање на опозицијата, за соборување на Владата гласаа 78 пратеници, против 34, а воздржани беа тројца. За паѓање на Владата беше потребно мнозинство гласови, односно 61 пратеник. За соборување на Владата гласаа и пратеници на Демократската партија на Косово, на шефот на државата Хашим Тачи.
За време на повеќе часовната расправа во Парламентот, двете владеачки партии меѓусебно се обвинуваа за неред, недостаток на координација и одлучување и коруптивни афери од претходно.




