Според податоците презентирани во извештајот на Светската банка, 53 проценти од младите во Македонија меѓу 15 до 24 години се невработени, а сиромаштијата и натаму е висока, 42 проценти од населението е сиромашно.
„Загрижува фактот што невработеноста кај младите е уште полоша и е повеќе од двапати поголема од националното ниво. Просекот за регионот во последниот квартал лани е околу 22,8 проценти во четвртиот квартал од минатата година“, стои во последниот извештај од Светска банка.
Македонија како и целиот регион не креира работни места доволно брзо за да ги прифати новите учесници во работната сила. Состојбата со работните места е полоша од тоа што бројките на невработеност покажуваат, бидејќи многумина заминуваат од регионот за да работат на друго место.
Главниот економист за регионот на Европа и Централна Азија во Светска Банка и коавтор на Извештајот, Абебе Адуња, потенцира дека треба да се работи на решавање на прашањето со недостиг на одредени занимања, образованиот систем кој не произведуваа соодветни кадри, особено средното образование, да се олесни условите за да инвестираат оние што заминале од земјата. Ограничување според него се и високите придонеси на труд кој во просек во регионот се од 35 проценти.