Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека тој не е под истрага околу руското мешање во американските избори и моќните врски на неговиот тим со Русија, повикувајќи се на признанието што му го дал сега веќе сменетиот директор на ФБИ, Џејмс Коми.
Во интервју за Ен-Би-Си, прво по сменувањето на Коми, претседателот Трамп откри дека за тоа директно го прашал директорот, при една нивна средба.
Во интервјуто, Трамп ја нарекува целата истрага „шарада“, но демантира дека сака таа да биде запрена, туку дека треба да продолжи, за да се види дали навистина имало руско мешање, или од некоја друга држава, за да тоа повеќе никогаш не се случи.
Трамп во интервјуто рече дека Коми само сакал популарност, за разлика од претходно кога како причина за сменувањето на директорот на ФБИ наведе дека тој „не ја вршел својата работа како што треба“
Трамп тврдеше дека Коми ја загубил довербата на своите соработници и на целото Биро, но неговиот наследник Мекејб сега тврди дека доскорешниот директор го имал зад себе целиот тим на ФБИ.
Претходно Белата куќа објави оти Коми бил сменет по препорака на држаниот обвинител Џеф Сешенс и неговиот заменик Род Розенстајн, но за Ен-Би-Си, претседателот Трамп призна дека одлуката за сменување ја донел сам и дека тоа ќе се случело без разлика каква би била препораката.




