Турските власти денеска уапсиле 57 лица од берзата во Истанбул осомничени дека се поврзани со неуспешниот пуч лани летото.
Според турската државна агенција Анадолија, во операцијата се уапсени главно поранешни вработени на берзата. Апсењата се спроведени во шест провинции, а издадени се преку 100 налози за апсење.
Турските власти се сомневаат за нивна поврзаност со исламскиот проповедник Фетула Ѓулен, кој го сметаат за организатор на обидот за пуч на 15 јули минатата година.
Поранешните вработени во берзата се осомничени дека имале пристап до шифрираниот систем за пораки, кој според властите во Анкара, бил средство за комуникација меѓу пучистите, и дека реализирале трансакции во полза на банката Асја, која е блиска до движењето на Ѓулен и која ја загуби дозволата за работа по пропаднатиот државен удар.
Ѓулен, кој живее во САД, ги негира ваквите обвинувања. Анадолија јавува дека операцијата ќе продолжи во текот на целиот ден.




