Франција и ЕУ со нетрпение очекуваат да го дознаат составот на новата влада откако вчера претседателот Емануел Макрон го именуваше за премиер Едуард Филип. Беше најавено дека тоа ќе се случи денес но во последен момент дојде соопштение од Елизејската палата дека објавувањето се одложува за утре попладне.
Макрон и Филип, како што вели соооштението од Елизејската палата, заедно одлучиле уште еднаш да ја проверат имотната и даночна состојба на идните министри пред нивните имиња да бидат објавени.
Едно од главните ветувања на Макрон, за време на изборната кампања, беше дека ќе предложи “закон за морален јавен живот”.
Над 75 отсто од Французите сметаат дека политичарите се корумпирани. За Макрон на ова треба да му се стави крај. Според него, чесноста треба да биде столбот на неговата идна влада но и на целиот парламент и локална администрација.
Помеѓу главните мерки на овој иден закон на пратениците ќе им се забрани да вработуваат членови на семејството како парламентарни асистенти, оданочување на сите приходи на пратениците, по три мандати пратениците нема да можат повеќе да се кандидираат а ќе исчезне и специјалниот режим на пензии за пратениците. Конечно, кандидатите на избори мораат да имаат чисто судско досие без ниту една дамка.
Во очекување на новата влада, се повеќе се шепоти дека новиот министер за надворешни работи ќе биде Франсоа Бајру. Името на Бајру сигурно не и познато на македонската јавност но тој во Франција е познат политичар.
Бајру има 56 години и е претседател на центар-десната партија Модем и човек кој одлучи да го поддржи Макрон во освојувањето на Елизејската палата. Бајру и самиот бил кандидат за претседател но никогаш не успеал да освои повеќе од 10 отсто гласови. Во Франција Бајру важи за чесен политичар. Бил европски пратеник и три пати министер за образование во 90те години.